Ангеловска-Бежоска: Денарот останува стабилен. Финансиската поддршката од ММФ ќе помогне за добивање поддршка и од други извори

Клучно е здравствената корона-криза, во глобални рамки да стивне до средината на годината, за потоа да се олабават мерките за заштита на здравјето и економијата постепено да се враќа во нормала. Мошне е важно шокот предизвикан од појавата на коронавирусот да трае што пократко за да нема поголеми негативни ефекти врз билансите и на фирмите и на финансискиот сектор. Веќе следната година, според проекциите на ММФ се очекува забрзан раст на глобалната економија од околу 5,7%, како и забрзување и опоравување и на македонската економија.

Ова го истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во интервју за Гласот на Америка, по повод учеството на Пролетните средби на ММФ и Светската банка, коишто годинава се одржуваат електронски.

„Шокот од пандемијата, годинава ќе се одрази со пад на активноста на сите економии. Но притоа, според очекувањата на ММФ, кај економиите во развој и брзорастечките економии меѓу коишто е и нашата, падот ќе биде помал во споредба со оној кај развиените економии.“ – нагласи Ангеловска-Бежоска. 

Во интервјуто, гувернерката се осврна и на добиената финансиска поддршка од ММФ, преку Инструментот за брзо финансирање, при што кажа дека таа ќе придонесе и за зголемување на девизните резерви.

„Добиената финансиска поддршка од ММФ претставува и потврда за здравоста на фундаментите на нашата економија. Таа е и помошна алатка за добивање други типови финансиска помош, вклучително и преку инструменти на Европската Унија.“ – посочи гувернерката.

Кон завршницата на интервјуто за Гласот на Америка, Ангеловска-Бежоска потсети дека граѓаните треба да бидат спокојни и дека не треба да постои никаква загриженост за домашната валута.

„Како што со години наназад е стабилен, така и отсега натаму, денарот ќе биде стабилен. Потврда за тоа се и инструментите коишто централната банка ги има на располагање доколку е потребно да се употребат во функција на задржување на стабилноста на денарот. Еден од клучните инструменти, секако е високото ниво на девизните резерви од околу 3 милијарди евра, што и самото по себе е гаранција за стабилноста на домашната валута“. – порача гувернерката.     

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Архива