,,Медена земја” задоволни иако не освоија Оскар

„Медена земја“ е првиот документарец номиниран за Оскар во две категории.

Тимот на „Медена земја“ , веднаш по прогласувањето на добитниците на наградите се заблагодари на огромна поддршка од публиката и за честа што им беше укажана со двете номинации.

„Пред сѐ, сакаме да се заблагодариме на сите што нѐ бодреа и веруваа во нас. Сепак, и покрај тоа што „Медена земја“ не доби Оскар, сосема сме свесни за големината на овој филм, за значењето на пораката што ја пренесува, за силата на бескрајните приказни што се кријат во оваа земја и за многуте наши талентирани уметници кои знаат како тие приказни да ѝ ги покажат на публиката. Почестени сме што бевме номинирани покрај овие одлични филмаџии со смели приказни кои им се обраќаат на луѓето од целиот свет. Им се заблагодаруваме на сите што веруваа во нашиот мал филм и нè поддржуваа, а особено му се заблагодаруваме на дистрибутерот „Неон“ за вербата во моќта на кинематографијата и во смелото раскажување приказни. На крај, би сакале да ѝ се заблагодариме на нашата водечка ѕвезда, Атиџе Муртова што ни дозволи да влеземе во нејзиниот прекрасен свет. Филозофијата на Атиџе ‒ земи половина, остави половина ‒ е едноставна, но длабока. Тоа е порака во којашто може да се пронајде секоја публика. Горди сме што сме гласниците на таа порака“.

И ѕвездата на документарецот, Атиџе Муртова, од Лос Анџелес порача „Како што јас споделувам со своите пчели, така сакам и сите луѓе да споделуваат едни со други“,вели Атиџе.

Архива