Од денес секој ќе може да го проверува јавниот долг на државата

Од денеска граѓаните имаат можност да се информираат за јавниот долг преку новата алатка за транспарентност javendolg.open.finance.gov.mk, којашто ја изработи Министерството за финансии.

Платформата се состои од пет дела: јавниот долг и компонентите од кои се состои, движењето на долгот по години, финансирањето на јавниот долг во 2020, издавањето на хартии од вредност и едукативен дел.

На страната се достапни податоци за средствата кои ќе се повлекуваат на домашниот и странскиот пазар во текот на 2020 година

Во насока на зголемување на фискалната транспарентност на платформата се објавуваат податоци кои претходно не биле објавени, како долгот на јавните претпријатија за секое одделно, како и очекуваното задолжување, раздолжување на претпријатијата во 2020 година.

Исто така, детално се објаснети инструментите за финансирање на долгот – државните хартии од вредност и еврообврзниците.

На страната се прикажани долгот, неговото движење по години, раздолжувањата, повлекувањата за 2020 година и како ќе се финансира. Министерката за финансии, Нина Ангеловска на јавната презентација на платформата посочи дека преку целосна фискална транспарентност, граѓаните ќе можат да ги препознаат непотполните и лажни вести кои се злоупотребуваат за политичко поентирање.

“Силно се залагам за фискална транспарентност и едукација на даночните обврзници, граѓаните за јавните финансии, клучните буџетски документи, што сметам дека е особено важно за млади демократи како нас. Без разлика на економското познавање на граѓаните, податоците се прикажани и систематизирани на едноставен и разбирлив начин, се со цел да бидат јасни за широката публика. Со ваквото лесно разбирливо претставување на податоците за јавниот долг, убедени сме дека ќе придонесеме кон намалување на заблудите кои постојат во однос на задолжувањето, нивото и одржливоста на јавниот долг, а воедно ќе придонесеме и кон финансиска едукација на широката јавност“, рече министерката Ангеловска.

Изминатиов период за секоја аукција има вести дека државата се задолжила за одреден износ. Утредента пак, кога се раздолжуваме по основ на стари доспеани долгови од претходно издадени  државни хартии од вредност, тоа не се пренесува. А вистината колку пари се повлекле по основ на таа аукција, е на средината. Тоа е сумата која сме ја издале минус сумата која сме ја вратиле утредента или во некој од следните денови. Понатаму, сега државните хартии од вредност имаат историски најниска каматна стапка и се еден од најевтините извори за финансирање на буџетскиот дефицит“, рече Ангеловска и посочи дека ако за 12-месечни записи каматната стапка изнесувала порано 8% сега изнесува 0,5%.

Дадени се податоци од сите досега издадени еврообврзници со сума и каматна стапка, како и кога доспеваат за отплата.

“Ако кликнеме на отплатите на еврообврзниците ги имаме сите обврзници како што доспеале или доспеваат за наплата. Како што гледате, годинава, во 2021, 2023 и 2025 година доспеваат за отплата еврообврзници во вкупна вредност од една милијарда и 628 милиони евра“, рече Ангеловска.

Таа посочи дека оваа алатка може да се користи и во насока на финансиска едукација бидејќи има доста аналитички компоненти.

“Да се обратам на младите, на студентите – учете, анализирајте, истражувајте… имате податоци да правите семинарски, дипломски, проверувајте сè што ќе ви се презентира, сами пресудувајте што е популизам што е вистинска работа и желба да се сработи и да се покаже со дело. Проверувајте, читајте што е точно а што е популистичка извртена или лажна вест. Мојот став е прагматичен и имаме многу проблеми за решавање и треба сите да се фокусираме на решавање на истите, а време за популизам немаме“, рече Ангеловска.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Архива