Прв случај на Коронавирус во Македонија

Kоронавирус кај еден од тројцата македонски државјани кои се наоѓаат на бродот „Diamond Princess” во пристаништето во јапонскиот град Јокохама, соопшти Министерството за надворешни работи согласно најновите информации добиени од јапонските надлежни органи.

Нашиот државјанин, како што се посочува, во моментот е хоспитализиран во здравствена установа во Јапонија.

Амбасадата на Република  Македонија во Токио е во комуникација со споменатиот македонски државјанин. Воедно, Амбасадата на дневна основа комуницира и со останатите двајца македонски државјани кои сѐ уште се наоѓаат на бродот во Јокохама и кои изјавуваат дека се чувствуваат добро и досега не пројавиле симптоми кои може да укажуваат на присуство на коронавирусот, информираат од МНР.

Министерството за здравство на Јапонија продолжува со спроведување на тестови за присуство на коронавирусот кај лицата кои се наоѓаат во карантин на бродот. При вршење на анализите предност имаат лица со симптоми кои укажуваат на присуство на вирусот, лица над 75 – годишна возраст и лица со хронични заболувања.

Министерството за надворешни работи на Република Македонија, преку Амбасадата во Токио, редовно ја следи состојбата на македонските државјани кои се наоѓаат во Јапонија и остварува комуникација со надлежните јапонски органи во врска со мерките што се преземаат за спречување на ширењето на корона вирусот, стои во соопштението.

Од Министерството за здравство апелираат граѓаните во целост да ги следат и почитуваат мерките за превенција според кои, треба да се воведе дополнителна заштита на храната – да не се консумира храна направена од болни животни, да се воведе дополнителна заштита при подготовка на храната – да се користат различни садови и ножеви за подготовка и сечкање на сирова и да се мијат задолжително рацете после секоја подготовка на храна, а при подготовка на месо и јајца истите убаво термички да се обработат.

Покрај тоа треба да се воведе посебна заштита при работа на отворени пазари – задолжително носење заштитни опрема, ракавици, маски и мантили додека се извршуваат работи со животни или производи од животинско потекло, по употребата целата опрема да се извади и да се пере секојдневно, да се внимава да се заштити семејството од неиспрана работна опрема, да се штити населението од настинки – да се избегнува незаштитен контакт со болни (вклучувајќи и допир на уста, нос и очи), како и незаштитен контакт со домашни или диви животни, задолжително и често миење на раце – и кога не се видливо нечисти да се мијат рацете со сапун и вода или да се користи чистач за раце кој содржи алкохол, при кашлање или кивање да се заштити устата и носот со марамче или со дланката, по употребата марамчињата да се фрлаат во затворени канти, а при кашлање или кивање, како и при грижа за болни, задолжително да се мијат рацете. 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Архива