Советот на Народната банка донесе неколку одлуки за поддршка на економијата

Советот на Народната банка одржа вонредна седница на која во согласност со своите надлежности донесе неколку одлуки заради ублажување на потенцијалните неповолни ефекти врз економијата, предизвикани од појавата на новата вирусна инфекција.

 Поконкретно, Советот ги донесе следниве одлуки:

–       Одлука за изменување на Одлуката за задолжителната резерва

Со оваа измена, Народната банка повторно ја става во функција нестандардната мерка кај задолжителната резерва, со која се овозможува намалување на основата за обврската на задолжителната резерва во денари на деловните банки за износот на новоодобрените и реструктурираните кредити одобрени на претпријатијата во дејности коишто согласно со информациите од Владата на Република Северна Македонија ќе бидат најпогодени од ширењето на ковид-19. Се очекува дека мерката ќе поттикне непречена кредитна поддршка по поволни услови од страна на банките за најпогодените сектори.

–       Одлука за изменување на Одлуката за методологијата за управување со ризиците

Со оваа одлука се одложува рокот во кој банките треба да го достават првиот извештај за процесот на утврдување интерна ликвидност, со што, наместо до 31 мај, оваа обврска ќе треба да се исполни до 30 септември 2020 година. Со ова регулаторно олеснување, на банките и на нивните тимови им се остава простор за поголема фокусираност на обезбедувањето кредитна поддршка на корпоративниот сектор и на населението, како и на одржувањето на квалитетот на кредитното портфолио.

–       Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за единствената тарифа на надоместоците за услугите што ги врши Народната банка

Донесена е одлука со којашто се укинуваат провизиите коишто досега се наплатуваа за подигање и враќање на готовината во централниот трезор на Народната банка. Со ова се елиминираат сите трошоци за подигнување и враќање ефективни пари. Ваквите промени придонесуваат за поддршка на процесот на управувањето со готовината преку минимизирање на евентуалните ризици од пренесување на заразата преку овој канал.

Претходно, во понеделникот, на седницата на Комитетот за оперативна монетарната политика на Народната банка беше донесена одлука за намалување на основната каматна стапка на нивото од 1,75%, што треба да придонесе за намалување на цената на финансирање преку кредити од банките. 

Народната банка и натаму со голема внимателност ќе го следи развојот на настаните и потенцијалните ризици од окружувањето, како и нивните ефекти врз домашната економија, заради соодветно приспособување на политиките и соодветна и навремена реакција.

Архива